Министерството за здравство информира дека R0 факторот на преносливост на вирусот покажува позитивен тренд на намалување, кој изнесува 0,9, а во континуитет речиси еден месец е околу 1. Продолжува и трендот на намалување на бројот на новозаболени и починати лица, а се бележи и значително зголемување на бројот на оздравени лица, во однос на претходната недела, според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје објавен денеска за периодот од 27 јули до 2 август, 2020 година. ИЈЗ известува дека во дадениот период се направени вкупно 9.709 тестирања (146 повеќе од периодот 20–26 јули) и регистрирани се 912 позитивни случаи на Ковид-19, што е за 4,6% помалку од претходната недела.
Во периодот на известување благо намалување има и во проценотот на позитивни од тестирани случаи, кој изнесува 9,4% (претходната недела 10% од тестираните беа позитивни). Новозаболени се регистрирани во 28 града, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (27,9% – бележи благо намалување три недели по ред), во Штип (12,2%) и во Гостивар (11,2%). Во 19 градови во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20. Во однос на старосната структура на новозаболените во овој период најголем процент се лица над 60 години – 22,9%, а поголем број заболени се регистрира и кај лицата на возраст меѓу 30-39 години – 19,4%.
Во возрасната група 40-49 години се 17,9% од новозаболените, а во групата 50-59 години – 17,8%. Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 години – 3,1% и 10-19 години 5,0%.
Од случаите кои се епидемиолошки истражени се хоспитализирани 136 лица или 15,7%, а кај 277 лица или кај 32,2% регистрирано е присуство на коморбидитети.
Од вкупниот број епидемиолошки истражени новозаболени 38,1% имале контакт со потврден случај на Ковид-19, а 21 лице (исто како и претходната недела) имале историја за патување во странство во минатите 14 дена.
Во периодот 27 јули – 2 август се регистрирани 1.032 оздравени лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 378 лица или 36,6% повеќе од претходната недела на известување (20 – 26 јули). Во периодот 27 јули до 2 август се регистрирани 29 смртни случаи, што е намалување од 14,7%, во однос на минатата недела. Најголем дел од случаите се лица над 60 години – 75,9%. Во болнички услови се починати 24 од случаите, а пет вон болнички. Кај 23 од смртните случаи (79,3%) се регистрирани претходни коморбидитети.