Достава на прехранбени производи, медикаменти и други потребни стоки на подрачјето каде што е прогласена кризна состојба (општините Дебар и Центар Жупа) ќе се врши единствено во периодот од 8 до 14 часот, соопшти Министерството за внатрешни работи. Оттаму посочуваат дека заради продолжување со работа на индустрискиот капацитет „Кнауф Радика“ Дебар, овозможен е безбеден протек на возилата со кои се врши транспорт на ресурси и стока во подрачјето каде што е прогласена кризна состојба.
Возилата со кои се врши дотур на стока и возилата на компанијата „Кнауф” се упатуваат кон безбедносниот пункт во правец на ХЕЦ Шпиље и ХЕЦ Глобочица или безбедносниот пункт преку Бошков Мост, од каде што само со полициска придружба се упатува кон територијата на кризното подрачје, информира МВР.
Истоварот на стоката, додаваат, ќе го вршат исклучиво лица што веќе се во подрачјето каде што е прогласена кризна состојба, а на возачот на возилото или негов сопатник нема да му биде дозволено напуштање на возилото. По истоварот на стоката, возилото исто така со полициска придружба се враќа кон еден од безбедносните пунктови, каде по извршената дезинфекција му се дозволува слободно движење надвор од територијата на која е прогласена кризна состојба.
Во интерес на зачувување на здравјето на граѓаните, сите граѓани задолжително да се придружуваат кон овие насоки за постапување, апелираат од МВР.
фото: Архива