ФБ статус на техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев:
-Во насока на ефикасно преземање на превентивни мерки со цел заштита на здравјето на граѓаните, ја информирам јавноста дека:
✔️ Стабилна е безбедносната состојба во општините Дебар и Центар Жупа. Во изминатото деноноќие, на целото подрачје на двете општини каде е прогласена кризна состојба не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир, нема кражби или други имотни деликти и нема сообраќајни незгоди.
✔️ На терен, продолжуваат мерките што полициските службеници ги преземаат согласно оперативниот план, вршат обиколка низ централното градско подрачје и приградските населби, ги контролираат угостителските и другите јавни објекти (маркети, ноќни клубови, фитнес салони, обложувалници) и се грижат за доследно спроведување на мерките за спречување на внесување, ширење и за сузбивање на корона вирусот.
✔️ Непречено се спроведуваат мерките за контрола на патнички и други моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа. Влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено оневозможен е, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини. Без проблеми се одвива дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини.
✔️ Од страна на соседните земји за влез се затворени сите гранични премини, освен граничниот премин Деве Баир кој во моментов функционира непречено. Сообраќајот за тешки товарни возила се одвива нормално.
✔️ Министерството за внатрешни работи активно е вклучено во спровод и конвој на заглавените товарни возила во меѓуграничниот простор.
✔️ Министерството за внатрешни работи во изминатиот период асистираше на Државниот пазарен инспекторат во спроведување на одлуката на Владата за затворање на угостителските објекти и таа асистенција ќе продолжи и во следниот период.
⏭️ На денешната седница на Кризниот штаб предложив затворање на сите гранични премини за влез во државата. Оваа одлука очекувам попладне да биде потврдена од страна на Владата и да важи за сите патнички возила кои влегуваат во државата, освен за македонските државјани и кај оние каде има посебен економски или државен интерес.
🛎️ Упатуваме апел до сите граѓани строго да се придржуваат до препорачаните мерки и насоки усвоени од Владата во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници.
Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.
https://www.facebook.com/NakjeChulev/posts/139325307594272