Откриен нов вид на корона во Колумбија: Варијанта наречена Ми може да биде отпорна на вакцини

Светската здравствена организација објави дека ја следи новата варијанта на корона вирусот, наречена „Ми“, која првпат беше откриена во Колумбија во јануари оваа година.

Новата варијанта со научно име Б.1.621 досега беше класифицирана како „варијанта што треба да се следи“, наведува СЗО во својот неделен епидемиолошки билтен за еволуцијата на пандемијата на коронавирусот.

„Варијантата Ми има мутации што укажуваат на потенцијални карактеристики на имунолошко избегнување“, се вели во соопштението.

Сите вируси, вклучително и коронавирус (SARS-CoV-2), мутираат со текот на времето. Повеќето мутации имаат мал или никаков ефект врз својствата на вирусот. Меѓутоа, одредени мутации можат да влијаат на карактеристиките на вирусот, како што се полесно ширење, сериозност на симптомите или ефикасност на вакцини, лекови и други алатки за откривање на присуството на вирусот.

Од појавата на коронавирусот и соевите на тој вирус, СЗО одлучи да ги именува варијантите. Во моментов, загрижувачки се четири варијанти на коронавирус, меѓу кои сојот Алфа е присутен во 193 земји и Делта е присутен во 179 земји, додека пет други се под надзор, меѓу кои и Ми.

Мутацијата Му првпат беше откриена во Колумбија во јануари, а подоцна и во други земји од Латинска Америка и Европа.