Владата на денешната седница ќе треба да одлучи дали ќе се воведе полициски час на територија на цела држава. Ова произлегува од заклучокот од синоќешната владина седница на која се задолжи Комисија за заразни болести при Министерството за здравство, да подготви детален писмен предлог со мерки и препораки за воведување на најстроги рестриктивни мерки во врска со спречување, внесување и ширење на коронавирус COVID-19 (забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија за време на ден и во ноќ, организирање на јавниот превоз, сменско работење, опфатени категории на лица по возраст) и истите да ги достави до Владата, за седницата што ќе се одржи денеска.
Инаку на седницата синоќа Владата го разгледа и усвои Записникот од Петтиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19, одржан на 20 март 2020 година.
Согласно предлозите изнесени во расправата на седницата, Владата ги усвои следниве заклучоци:
1. Се задолжува Комисија за заразни болести при Министерството за здравство, да подготви детален писмен предлог со мерки и препораки за воведување на најстроги рестриктивни мерки во врска со спречување, внесување и ширење на коронавирус COVID-19 (забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија за време на ден и во ноќ, организирање на јавниот превоз, сменско работење, опфатени категории на лица по возраст) и истите да ги достави до Владата, за седницата што ќе се одржи на 21 март 2020 година (сабота).
Владата го задолжи д-р Венко Филипче, министер за здравство, да определи двајца епидемиолози што ќе присуствуваат на седницата на Влада, со цел да ги образложат предложените мерки и препораки на членовите на Владата.
2. Се задолжуваат Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија да направат детален оперативен план за спроведување на најстроги рестриктивни мерки што ќе ги преземе Владата, со цел спречување, внесување и ширење на коронавирусот COVID – 19.
3. Се задолжуваат Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија, во рамките на нивните надлежности, веднаш да пристапат кон спроведувањето на досегашните донесени мерки и препораки од страна на Владата.
4. Сите лица што не ја почитуваат мерката за самоизолација да бидат спроведени во државен карантин и против истите да биде поведена соодветна постапка, трошоците за време на престојот во државен карантин ќе бидат на товар на лицата што не ја почитувале оваа мерка.
За ова, се задолжува Министерството за правда, во соработка со Министерство за здравство да подготви соодветна уредба со законска сила во која правно ќе ја нормира целокупната постапка за спроведување во државен карантин.
5. Се задолжува Мила Царовска, заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, во соработка со Министерството за економија и Министерството за правда, да подготват уредба со законска сила во која правно ќе ги нормираат надлежностите на сите инспекторати и инспектори (надлежностите од инспекторите во Државниот пазарен инспекторат да бидат пренесени на сите инспекциски служби).
На оваа седница беше разгледана и информацијата на Министерството за надворешни работи за бројот на наши државјани кои оваа ситуација ги затекна во други држави. За да им се обезбеди можност да се вратат во земјата, Владата ги задолжи Министерството за надворешни работи и Министерството за транспорт и врски да подготват посебен план за хуманитарни летови, а нивна законска обврска ќе биде кога ќе се вратат да прифатат дека ќе мора да поминат соодветен број денови во карантински услови за нивна и за безбедност на сите останати граѓани.
Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи на секое лице кое ќе ги напушти границите на Република Северна Македонија да му даде да потпише лична изјава дека излегува од државата на своја одговорност и дека е запознаен дека поради пандемијата со коронавирусот голем број земји ги затворија границите и дека е отежнато движењето во странство, заради што државните органи на Република Северна Македонија не можат да гарантираат навремена помош за враќање во земјата.
фото: Влада