Заев: Никогаш да не се заборави црниот понеделник и да не се повтори. Режим – никогаш повеќе!

Слободата и демократијата немаат цена. Пред осум години, на денешен ден беше нападната македонската демократија, пратениците и Собранието под удар на режимската репресија. 24 декември, црниот понеделник е паметник за вистинското лице на насилничката, режимска матрица на ВМРО-ДПМНЕ, вели премиерот Зоран Заев.

„Таквиот однос кулминираше години подоцна, на 27 април, со насилниот упад во законодавниот дом и обидот за убиство на пратеници, новинари и вработени во Собранието. Денеска, осум години подоцна многу работи се променети во нашата татковина. Собранието денеска е дом каде царува дебатата, а не насилството. Ја живееме слободата. Новинарите слободно и независно известуваат, пратениците слободно работат, без стрв од упади и насилни исфралања. Редот, правдата и дисциплината се нови вредности“, напиша Заев на „Фејсбук“.

Денес, додаде тој, кога живееме во слобода, во демократија и еднаквост испраќаме порака, датумите како 24 декември да останат врежани во колективната свест, за да потсетуваат на погрешното.

„Никогаш да не се заборави црниот понеделник и да не се повтори. Режим – никогаш повеќе!“, напиша Заев.

На 24 декември 2012 година пратениците од опозицијата и новинарите беа исфрлени од Собранието од страна на собраниското обезбедување, по што овој ден беше наречен црн понеделник за македонската демократија.