Бројот на пост-ковид компликации е зголемен, тврди д-р Ристовски

Доктор Владимир Ристовски кој работи во ковид-центарот во градската општа болница „8 Септември“ во интервју за ТВ24 вели дека бројот на пост-ковид компликации е зголемен.

– Пост-ковид компликациите ќе ги поделам на два типа, на минорни и мајорни компликации. Во минорните компликации влегуваат оние коишто секојдневно ги гледаме во нашите кардиолошки амбуланти, а тоа е срцебиење, варијации на крвниот притисок, недостиг на воздух. Тоа се компликации коишто секој втор којшто прележал ковид-19 се жали на тие симптоми. А во мајорните компликации, коишто се животозагрозувачки, спаѓа срцевиот инфаркт, чиј број е намален во однос на претходните бранови, но сепак се присутни – вели д-р Ристовски.

Во однос на зголемената смртност кај младите пациенти, тој објаснува дека скоро сите млади хоспитализирани пациенти во ГОБ „8 Септември“ биле невакцинирани.

– Скоро 95 отсто беа невакцинирани пациенти, а најчесто тие млади пациенти имаа некој коморбидитет или зголемена телесна тежина. Меѓутоа, има и пациенти коишто се на помлада возраст, но без коморбидитет и со потешка клиничка слика – објаснил тој.