Коронавирусот може да предизвика симптоми кои траат и по неколку недели и месеци по исчезнување на инфекцијата, посочува доктор специјалист Марија Михајлова. Таа посочува дека ова се нарекува пост корона синдром или ,,долг ковид“.
„Времето кое е потребно за опоравување од ковид инфекција е различно за секого. Повеќето луѓе се чувствуваат подобро за неколку дена или недели. Но за некои луѓе, симптомите може да траат подолго. Веројатноста да имате долготрајни симптоми не е поврзана со тоа колку сте болни кога првпат ќе заболите од ковид 19“, посочи доктор Михајлова.
Според неа и нејзиното искуство со матичните пациенти, вообичаени пост-ковид симптоми се: екстремен замор, вртоглавици, отежнато дишење, болки во градите, болки во зглобови, осипи, срцеви палпитации, депресија и анксиозност, нарушен сензибилитет за мирис или вкус, нарушен сон.
„Има многу што сеуште ни е непознато за долг ковид, како основните причини, и зошто некои луѓе се повеќе засегнати, а други не. И најважно, не е познато колку долго може да се очекува да траат овие ефекти за секој поединец. Она што го знаеме од пракса секојдневно, дека бројот на луѓе со пост-ковид симптоми од прележана инфекција и не е така занемарлив. Клучна е поддршката и можноста за избор на опции за нега и третман“, додава Михајлова.
Таа посочува и дека државата треба да размисли дали е време нашиот здравствен систем да размисли за отворање на посебни пост-ковид амбуланти во кои ќе бидат вклучени тимови составени од специјалисти, кои би обезбедиле интегриран извор на поддршка, со оглед на широкиот спектар на потреби кои ги имаат овие луѓе.
„Целта е да не се губи време во лавиринтот на здравствениот систем, заштеди и да им се помогне на луѓето да чувствуваат поголема контрола над нивната состојба и живеат подобар живот“, посочи докторката специјалист по семејна медицина, Марија Михајлова.