Некои типови на рак на дојка може да се излечат без зрачење, покажуваат резултатите од новата студија на канадски научници објавенa на годишниот состанок на Американското здружение за клиничка онкологија во Чикаго. Жените постари од 55 години на кои им бил дијагностициран одреден тип на рак на дојка во рана фаза може да се подложат на операција, а потоа и на хормонска терапија, велат авторите на студијата.
Водечкиот автор на студијата, професорот Тимоти Вилан од Универзитетот Мекмастер во Канада, откритието го нарече „одлично“ бидејќи покажува дека некои жени можат безбедно да го избегнат зрачењето и неговите несакани ефекти.
Студијата, претставена на годишниот состанок на ASCO (Американско здружение за клиничка онкологија) во Чикаго, ги проучуваше резултатите кај жени кои имале низок степен на луминален тип А рак на дојка, рак со специфичен генетски маркер.
На група од 500 пациенти хируршки им бил отстранет ракот на дојката, а потоа примале хормонска терапија. Потоа биле следени пет години за да се процени дали се враќа ракот на дојката. Истражувачите откриле дека повторувањето било само 2,3 отсто без зрачење. Ова е споредливо со 1,9 проценти од повторувањата во случај на нелекуван рак на дојка.
Професорот Вилан рече дека во раните фази на ракот на дојката генерално се користи радиотерапија од три до пет недели за да се намали ризикот од повторување.
„Овие наоди се одлични затоа што идентификувавме специфична група на пациенти кои можат да ја избегнат радиотерапијата и поврзаните несакани ефекти, а тоа го отвора потенцијалот за подобра медицинска пракса во третманот на ракот на дојката“, рече тој.
„Радиотерапијата има големи несакани ефекти, вклучувајќи замор, исцрпеност и иритација на кожата, која може да трае со недели по завршувањето на циклусот, а подоцна има несакани ефекти кои влијаат на квалитетот на животот, како и многу ретки сериозни компликации како што се срцеви заболувања и други видови рак. Ако можеме да избегнеме радиотерапија, ќе е подобро, бидејќи не сите видови на рак бараат исто ниво на често инвазивна терапија“, рече проф. Вилан.