Омикрон варијантата на коронавирус досега е потврдена во 106 земји, а ризикот од новиот вид што предизвикува загриженост ширум светот останува многу висок, објави Светската здравствена организација.
Помеѓу 20 октомври и 19 декември, омикрон бил откриен кај 1,6 отсто од секвенционираните примероци, според неделниот билтен на СЗО.
Делта сојот останува доминантен во светот и е забележан во 96 отсто од примероците, пренесе агенцијата „Тасс“.
Најновите докази покажуваат дека омикрон варијантата се шири брзо во однос на делта сојот, дури и во земји со висок степен на колективен имунитет, наведува СЗО.
Кога станува збор за клиничката слика од омикрон и тежината на болеста што ја предизвикува, податоците се сè уште ограничени, се додава во соопштението.