Омикрон станува доминантен во Словенија

Во Словенија во изминатите 24 часа се регистрирани 666 нови случаи на коронавирус, што е за 103 случаи помалку од пред една недела, но некои проекции велат дека поради сојот омикрон може да се очекува нагорен тренд на епидемијата на почетокот на годината.

– Околу Нова година очекуваме нов тренд на раст на епидемијата поради брзото ширење на сојот омикрон. Тоа ќе се одрази и на бројот на хоспитализирани пациенти, што ќе зависи од тежината на болеста предизвикана од тој сој – објави Институтот Јожеф Штефан, кој работи на проекции и модели за развој на епидемијата за словенечката влада, пренесува Хина. .

Како што пренесуваат словенечките медиуми, се очекува дека на почетокот на јануари омикрон би можел да претставува 60 отсто од сите случаи и со тоа да стане доминантен над сојот делта.

– Доколку се потврди големото присуство на омикрон, што може да се очекува околу Нова година, во првата недела од јануари, притисокот врз болниците повторно може да се зголеми – изјави за медиумите епидемиологот Матеја Логар.