Продолжениот ковид трае најмалку два месеци и најчесто се јавува кај луѓе помлади од 65 години. Како се препознава оваа состојба?
Светската здравствена организација (СЗО) оваа недела објави дефиниција за продолжен ковид, термин што се користи за да се опишат постојаните здравствени проблеми што ги доживуваат луѓето кои имале коронавирус.
Според „Ројтерс“, научниците сѐ уште работат на разбирање на овој синдром.
СЗО го дефинира продолжениот ковид како состојба со најмалку еден симптом што обично започнува да се појавува во рок од три месеци од почетокот на потврдената или веројатна инфекција со коронавирус и трае најмалку два месеци.
Меѓу најчестите симптоми се замор, отежнато дишење и когнитивни проблеми.
Други симптоми се болка во градите, проблеми со чувството за мирис или вкус, мускулна слабост и брзо чукање на срцето.
„Ројтерс“ наведува дека точниот број на луѓе погодени од оваа состојба сѐ уште не е познат.
Студија на Универзитетот во Оксфорд, во која биле вклучени повеќе од 270.000 луѓе кои биле заболени од коронавирус, откри барем еден симптом во 37 проценти од случаите, при што симптомите се почести кај луѓето на кои им била потребна хоспитализација.
Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) наведува дека се потребни повеќе истражувања за да се утврдат ефектите од вакцинацијата врз оваа состојба.