Со дојденците новиот сој влегува на голема врата, вели Олумчев

Зимскиот распуст на учениците треба да се продолжи барем за две недели, предлага епидемиологот Сашко Олумчев во изјава за Сител.

Во овој период, посочува епидемиологот, кога комуникацијата и контактите помеѓу луѓето се интензивираат, најдобро е децата да бидат дома и на тој начин веројатноста за пренесување на вирусот на поголема група ќе се намали.

– Да имаме зимски распуст од еден месец во кој можат да се стабилизираат тие состојби. Ако некој се зарази ќе биде во домашни услови, може да се контролира и така натаму, бидејќи рековме се работи за високо инфективна варијанта. Ако се зарази член на семејството, многу брзо целото семејство ќе се зарази, но ќе бидат под контрола во домашни услови, а вака имате колективи како што се училиштата каде не дека тие деца не знаат, меѓутоа сепак зборуваме за мали деца и за тинејџери кои не можат да се придржуваат кон тие мерки како што треба да биде правилно. Сепак се работи за деца кои едноставно можат да се заштитат до некоја мера, не можат тие постојано да носат маска или да ја менуваат на секои два часа – вели д-р Сашко Олумчев.

Тој очекува врзо ширење на варијантата Омикрон со големиот број на нашинци кои за време на викендот се враќаат во земјата.

„Сите ќе си дојдат, со самото тоа големи се шансите Омикрон да влезе на голема врата. Не мора ПЦР тестови. Нека бидат брзи антигени тестови. Нека бидат по случаен избор да речеме, не мора секој патник, по случаен избор за да знаеме отприлика што ни се случува. Тие се евтини тестови антигените, а се точни. Точни тестови, евтини, по случаен избор и тоа е некаква мерка – вели д-р Олумчев.