Што да се прави со бактеријата во нос ?

Girl having cold in the autumn

Кога детето нема други поплаки освен течење на носот, жолтеникаво-зелениот исцедок не е причина за антибиотска терапија. Постојат вируси кои влијаат на создавањето на жолтеникаво-зелена секреција, но и сапрофитните бактерии (оние кои вообичаено живеат во носот) можат да го заматат секретот кој бил бистар.

Д-р Горан Вукомановиќ од Универзитетска Детска Клиника-Белград, во интервју за српски портал зборува за бројни дилеми кои ѓи мачат мајките и татковците кога се во прашање нивните малечки. Најчесто поставувани прашањa од родителите: Што да се прави со бактериите во носот? Дали е потребен третман?, Како бактериите стигнуваат до носот?, Како може истовремено повеќе бактерии во нос? Зошто и понатаму е присутна бактеријата во носот и после испиен антибиотски сируп? Дали може бактеријата од носот да се расее низ телото и да направи штета?

ШТО ДА СЕ ПРАВИ СО БАКТЕРИЈАТА ВО НОСОТ?

Кај дете од предучилишна возраст, бактериите од време на време се изолираат од носот. Може да биде Staphylococcus (Staph. aureus), а по еден месец Moraxella catharalis. Детето често има затнат нос, се лигави, но нема температура, весело е и има одличен апетит.

Носот може да биде „дом за бактерии“!

Бактериите живеат во носот и тие припаѓаат таму. Професионално се нарекуваат сапрофити, а во брис се гледаат како физиолошка флора. Тоа се безопасни бактерии кои „живеат“ во носот и не им прават никакви проблеми на децата.

Како „опасните“ бактерии стигнуваат до носот?

Како испакнат дел од телото, носот е изложен на сè околу детето. Носот е секогаш интересна дестинација за прстите на децата, а тие често се валкани. Впрочем, носот понекогаш чеша одвнатре (чешањето не е „привилегија“ на децата кои се алергични на полен). Затоа е јасно дека бактериите од околината на детето лесно можат да стигнат до носот преку рацете.

Кога бактериите однадвор ќе стигнат до носот, наидуваат на поволна средина, особено ако детето веќе се лигави. Слузта што капе од носот е одлична почва за бактерии, па брис од носот често е позитивен. Дури и ако детето оди во градинка, спектарот на „разменети“ бактерии е широк, па затоа не е реткост да се најдат различни бактерии кај едно дете.

Детето, особено дете од предучилишна возраст, има секрет од нос првенствено поради вируси. Станува збор за респираторни вируси, од кои има речиси 200 видови. Многу лесно се пренесуваат од едно дете на друго, па речиси две третини од децата во градинките шмркаат. Станува збор за безопасни вируси кои се всушност причина за настинката.Втората причина за течење на носот е алергиска (поленска кивавица).

Бактериите не се причина за течење на носот кај огромното мнозинство на деца, но тие може да се најдат во носот. Значи, најчесто се работи за истовремено присуство на вирус (кој е причина за лачење – истекување) на секрет од носот и бактерии кои пристигнале однадвор.

Носната слузница има т.н локална одбрана – „армија“ на клетки на имунолошкиот систем, која користи антитела во борбата против микро-напаѓачите. Овој имунолошки (одбранбен) „бедем“ на носот ги ограничува бактериите на површинскиот дел од мукозната мембрана. Поради ова, тие не можат понатаму да се распрснуваат, па нема причина да се плашиме дека ќе дојде до некои поголеми оштетувања во телото на детето.

Исклучително ретко се случува одбранбениот (имунолошки) систем на детето да биде толку слаб што дури и овие  безопасни бактерии го совладаат и продираат во телото преку носот. Најчесто тоа е случај со децата кои страдаат од имунодефициенција – тешки заболувања на имунолошкиот систем. Овие  деца имаат посебен режим на живот и заштита од инфекции.

Со оглед на тоа што бактериите се наоѓаат во површинскиот дел на мукозната мембрана, антибиотикот (земен преку уста) е многу тешко да стигне до нив. Затоа често се случува децата кои „примиле“ антибиотик – по неколку недели повторно да ги имаат истите бактерии во носот. Всушност, тие само лежат неактивни, па повторно се активираат (што, се разбира, не значи дека антибиотикот треба повторно да се даде).

Лекувањето на „површинските“ бактерии во носот со орален антибиотик е исто како да се избрише валканиот прозорец одвнатре со крпа.

Околу примената на антибиотска маст или капки од антибиотици во носот на децата -Оваа „терапија“ одамна е напуштена! Постојат  две добри причини за ова:

Прво, локалната примена на антибиотици во носот е неефикасна кај децата. Резултатите се привремени и сосема е несоодветно да се става антибиотик во носот со недели.

Локална антибиотска терапија може да биде опасна. Во носот има бројни клетки на имунолошкиот систем кои можат да предизвикаат алергија на лекови кои се применуваат преку носната слузница. Затоа може да се случи детскиот организам да стане алергичен на „назалниот“ антибиотик. Ако на детето повторно му се даде истиот антибиотик, но во форма на сируп или инјекција – може да дојде до многу опасна алергиска реакција.

Деца кои немаат висока температура, не кашлаат и имаат бактерии во носот – НЕ ТРЕБА да се третираат со антибиотски сирупи (како и инјекции). Тоа се здрави деца, а не пациенти. Течење на носот е резултат на вирусна инфекција (поретко алергија), а антибиотикот нема никаква поврзаност со тоа.

Ако детето има главоболка, треска, иритирачка кашлица, а од носот тече гноен секрет – ситуацијата е поинаква. Во тој случај најверојатно се работи за воспаление на синусите (синузитис), кое бара посебен третман – често антибиотици.

Но, тоа се ситуации кога консултацијата со лекар е задолжителна. Антибиотиците не треба да се даваат „сами“. Тоа е исклучива одговорност на докторот!