354 вакцинирани лица починале од коронавирус

Министерството за здравство ја објави анализата на вакцинирани од позитивни случаи на Ковид-19 во периодот од 6 август заклучно со 11 ноември.

Од таму појаснуваат дека во рамките на анализата за вакцинирани се сметаат лица со примени две дози кај кои поминале најмалку 14 дена од примањето на втората доза вакцина.

„Во наведениот период 52.436 граѓани се позитивни од тестирани на Ковид-19, од нив 29 % биле целосно вакцинирани, односно 15.456 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани што се заразиле од коронавирус. Според статистиката за изминативе три месеци, 36.980 граѓани, односно 71 % од позитивните на коронавирус не биле вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во периодот од 6 август до 11 ноември на територијата на државата починале 1.788 пациенти од Ковид-19, 1.434 пациенти од починатите, односно 80 % не биле вакцинирани, а само 20 %, односно 354 примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини што ги има на располагање кај нас“, се наведува во извештајот од Министерството за здравство.

Од таму апелираат граѓаните да се вакцинираат зашто, како што велат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење мутации на коронавирусот.