Додека делта сојот на коронавирусот се шири низ целиот свет, експертите се прашуваат дали желбата да се создаде имунитет на стадо преку вакцинација и натаму е остварлива. Имунитетот на стадо се постигнува во моментот кога одреден дел од населението е вакцинирано или ја прележало инфекцијата.
Дали е ова можно да се постигне кога станува збор за Ковид-19, поради постојаното појавување на позаразни варијанти, е отворено прашање.
„Ако прашањето е ‘дали ќе ја контролираме пандемијата само со вакцинација’, одговорот е негативен“, вели францускиот епидемиолог Мирсе Софоне, професор на Универзитетот во Монпелје.
Тој вели дека колективниот имунитет зависи од два основни факторa.
„Тоа се заразноста на вирусот и ефективноста на вакцината за заштита од инфекцијата. Во моментов, нема таква ефикасност“.
Делта е приближно 60 проценти попренослив од алфа варијантата и двојно позаразен од оригиналниот сој што се појави во Вухан кон крајот на 2019 година.
Колку е побрз вирусот во ширењето на инфекцијата, толку е поголем прагот за имунитет на стадо.
„Теоретски, тоа е многу едноставна математика“, вели епидемиологот Антоан Флао, директор на Францускиот институт за јавно здравје.
„Изворната варијанта на коронавирусот имаше стапка на репродукција помеѓу нула и три, што значи дека едно заразено лице може да зарази до три други. Да останеше така, имунитетот на стадо ќе беше постигнат по вакцинација на 66 проценти од луѓето“, објаснува Флао.
„Но, ако стапката на репродукција е осум, како што е кај делта сојот, тоа веќе се приближува до стапка од 90 процентна вакцинација“, додава тој.
Сепак овие тврдења се релевантни под услов вакцините да бидат сто проценти ефикасни во запирање на делта варијантата, што, за жал, знаеме дека не е така.
Според американските научници, ефективноста на вакцините „Фајзер“ и „Модерна“ во спречувањето на инфекцијата е намалена од 91 на 66 проценти откако делта стана доминантна варијанта.
И бидејќи студиите покажаа дека имунитетот стекнат од самата вакцина се намалува со текот на времето, неколку земји веќе започнаа со вакцинација со третата доза, таканаречена „бустер доза“.
Земајќи го сето ова предвид, Софоне вели дека апсолутно 100 проценти од луѓето треба да се вакцинираат за да го запрат преносот на вирусот, што од очигледни причини е невозможно.
Но, дури и ако таа митска цел за колективен имунитет повеќе не е во игра, експертите посочуваат дека вакцинацијата е најважна. Вакцината несомнено обезбедува одлична заштита од сериозни болести.
„Научниците препорачуваат да се вакцинираат што е можно повеќе луѓе“, истакнува Флао, додавајќи дека со текот на времето, сите пандемии завршуваат.
Софоне вели дека и натаму е можно ковид да стане уште една ендемска болест, но не само со помош на вакцините.
Тој предвидува дека ќе треба уште долго време да се носат маски и да одржува физичко растојание.
„За време на пандемијата на СИДА, кога научниците рекоа ‘носете кондоми’, многумина мислеа ‘добро, ќе го правиме тоа некое време’“, потсетува Флао додавајќи дека користењето презервативи и денеска е сосема вообичаена работа.
„И во оваа ситуација, може да се случи да продолжиме да користиме маски долго време во затворени простории и во јавен превоз“, заклучува францускиот научник.