Од 1 јануари 2022 година ЕУ ќе го укине механизмот на неопходното овластување за извоз на вакцини во трети земји.
Механизмот беше воведен за време на пандемијата со цел да се контролира извозот на вакцини против Ковид-19 произведени на територијата на ЕУ и со цел на граѓаните на ЕУ да им се обезбеди навремен пристап до вакцини.
– Производителите на вакцини повеќе нема да мора да бараат дозволи за извоз на вакцини од ЕУ. Транспарентноста на извозот ќе се обезбедува преку нов механизам за следење на извозот на компаниите од страна на Европската комисија – наведува ЕК.
Комисијата нагласува дека ЕУ е најголемиот извозник на вакцини против Ковид-19 со над 1,3 милијарди дози извезени во повеќе од 150 земји.