Од почетокот на годината, заклучно со петок, 1 март, вкупно 120 случаи на голема кашлица се регистрирани на територија на Скопје, изјави денеска за МИА доктор Лулзиме Бајрами од Центарот за јавно здравје.
На Универзитетска Клиника за детски болести во главниот град, моментално има само едно дете со голема кашлица. Станува збор за доенче од Куманово, примено на скопската Детска клиника во петокот, а неговата здравствена состојба е стабилна, потврди за МИА професор Светлана Кочева од Клиниката за детски болести.
Комисијата за заразни болести ќе има состанок утре од 12 часот, ќе се расправа за состојбите во државата, а меѓу темите се и големата кашлица и грипот. Информацијата за МИА ја потврди портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ.
Во последниот извештај на Институтот за јавно здравје за големата кашлица, се наведува дека согласно препораките од Комисијата за заразни болести и Институтот, во периодот од 18 јануари досега, сите вакциналните пунктови во земјата, во соработка со епидемиолошките служби од ЦЈЗ, вршат интензна проверка на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, како и на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, со цел нивно повикување и вакцинирање согласно националниот Календар за имунизација.