Болниците во четири градови се преполнети, пациентите се носат на лечење во Скопје

Состојбата во болниците и натаму е иста. Со преполнети капацитети во моментов функционираат болниците во Тетово и Гостивар, нешто слично и во Кичево и Струга, од каде што преку систем на координација секој пациент кому му е потребна хоспитализација се сместува и со транспорт се пренесува во Скопје, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој додаде дека во овој момент има доволен број  болнички места во болницата во Козле каде што функционира и ротира тим на лекари специјалисти и инфектолози и пулмолози. Филипче рече дека се подготвени и други дополнителни капацитети, но засега нема да има трансформација во други ковид-центари, како што беше тоа за време на претходниот бран.

„Новите бројки на новодијагностицирани се охрабрувачки, истите опаѓаат. Но, премногу е рано да се каже дека тоа е некаков тренд. Затоа будно ја следиме ситуацијата и се анализираат сите параметри“, кажа Филипче.

Од денеска дел од тимот, лекари, медицински сестри, волонтери од Црвениот крст, од повеќе пунктови во Здравствен дом Скопје е префрлен во А1 СЦ Арената „Борис Трајковски“ со цел да се зголеми пристапот до вакцини за граѓаните и сите кои сакаат да се вакцинираат.

„Во последниот период значително расте интересот за вакцинација на помладите групи на граѓани, од 18 до 40 години и сега таа бројка изнесува некаде околу 170.000 граѓани, што е според анализите 26% од вкупното население во тие возрасни групи. Во просек околу 10.000 граѓани се вакцинираат дневно, а близу 700.000 се опфатени со прва доза, од кои 510.000 граѓани се ревакцинирани“, кажа Филипче.

Тој ги повика на масовна вакцинација младите и посебно родителите чии деца ќе почнат да одат во училиште или во градинка.

„Важно е нивните родители да се вакцинираат со цел да се обезбедат семејствата. Ова е единствениот начин да се смени сликата за пандемијата. Сите пандемии и епидемии гледано историски наназад завршиле исклучиво со вакцинација, не со прележување на болеста и сега кога го имаме овој механизам на располагање и веќе кога е докажано ефикасен, односно ефективен, а тоа сега се манифестира со релативно помалиот број на пациенти во градовите каде што е поголем опфатот со вакцинација, тоа е единствениот механизам целосно да се смени сликата со пандемијата како кај нас, во регионот и во целиот свет“, изјави Филипче.