Филипче: Точно е дека препораката од СЗО беше да не се носат заштитни маски, но се појавија нови сознанија за вирусот

Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес конференција истана дека е точно дека препорака на СЗО била да не се носат заштитни маски, но од тој момент до сега има промени во однос на сознанијата за вирусот. Филипче потенцираше дека носењето заштитна опрема ќе го спречи ширењето на вирусот, со оглед дека има асимптоматски носители.

„Точно е дека препораката од СЗО беше да не се носат заштитни маски, посебно лица кои се здрави. Но факт е дека во меѓувреме излегоа студии, препораки и искуства од многу земји, а имајќи го предвид и неточно утврдениот начин на ширење на вирусот, како и фактот дека сега е јасно оти има многу асимптотски носители, ја воведовме оваа мерка бидејќи во оваа фаза сметаме дека е неопходно за да се намали ширењето на вирусот. Ова се однесува за во затворен простор, како и на отворен простор каде не може да се одржи дистанца“, рече Филипче.

На крајот од минатиот месец директорот на СЗО за управување со вонредни состојби Мајкл Рајан изјави дека носењето маски за лице, доколку се користи неправилно, може да направи повеќе штета отколку добро во борбата против ширењето на новиот коронавирус.

фото: Архива