(ФОТО) Ма кои препораки и мерки, денеска во Струга е пазарен ден

Владата преку министертвото за здравство прави се во земјава што помалку лица да заболат од корона вирусот, поради кој многу помоќни држави паднаа на колена. Секојдневно преку медиумите се повторуваат апелите за самоизолација како најлесен начин да се избегне инфицирање со овој вирус. Но, голем дел од граѓаните очигледно сеуште не се свесни за состојбата во регионов, па упорно си тераат по свое.

Вчера и денеска имаше големо раздвижување скоро во сите градови. На социјалните мрежи се постираат слики од Скопје, како граѓаните се шетаат и уживаат во убавото време на кеј во Скопје во Охрид на патеката од кај мостот но и покрај самото Езеро.

Но, се чини дека најалармантна е ситуацијата во Струга, каде денеска е пазарен ден. На социјалната мрежа фејсбук се споделува слика токму од пазарот во Струга. На неа се гледа како огромен број граѓани кои немаат ни заштитни маски ни ракавици се упатиле да пазарат или прошетаат чисто да ги видат цените, а при тоа се буквално еден до еден при разминување. Ова е  крајно спротивно на препораките од здраствените работници кои ПРЕПОРАЧУВААТ да не се излегува доколку нема потреба и при тоа да се внимава од блиски контакти со други луѓе поточно растојанието да биде на метар и половина.

Очигледно како што кажа министерот за здравство Венко Филипче, Владата ќе биде приморана да превземе поригорозни мерки, како на пример полициски час.

Поригорозните мерки се веќе доставени до Владата, а за нив ќе се одлучава на седницата попладнево.

фото: ФБ