Има и вакцинирани меѓу починатите од корона

Во период од шести до 19 август на територија на државата 9881 граѓанин, се позитивни од тестирани на Ковид 19, од нив само 15% биле целосно вакцинирани, односно 1507 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид-19. Според двонеделната статистика, 8374 граѓани од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани, информираат од Министерството за здравство.

„Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 91%, додека само 9% од сите 724 моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од две седмици на територија на државата починало 101 лице со Ковид-19, 92 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 9 односно (8%) примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе хронични заболувања“, соопштува МЗ.

„Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини Модерна и Џонсон и Џонсон, кои некои од пациентите ги примиле во странство. Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2“, се додава во соопштението на МЗ.

Како што информира Министерството, за вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.