IRL.MK: Другата страна на приказната за КОВИД-19 тестовите

Секој граѓанин што јавува симптоми на настинка, прво на што помислува е тестирање за КОВИД-19. Но, брзорастечката пандемија остави многу од државите без доволно тестови за детектирање на вирусот, а приоритет им се дава само на ризичните граѓани. Некаде недостасуваат и реагенси, дури и во побогатите западноеврпски држави како Белгија. На 16 март кинеската влада соопшти дека тие во нивните лаборатории измислиле ефикасен брз тест преку примерок од крв којшто дава резултати за 10 минути, чини евтино и лесно може да се произведе и дистрибуира, објави irl.mk.

Колегите од IRL.MK објавуваат дека набрзо потоа, почна инвазија од продукција на овие тестови, а глобалната фармација брзо и стратешки ја искористи пандемијата и дополнително влеа недоверба во институциите. Овие тестови се рекламираат и преку пиар соопштенија во кои што приватните фирми се ставаат во улога на спонзори на општеството, имплицирајќи дека ако не можат владите, можат тие. Во многу држави овие тестови ги нарачуват и самите влади. Но, податоците за точноста и намената на овие тестови, според многу експерти се манипулативни. Истовремено, институциите не се заинтересирани да го спроведат владеењето на правото во време на вонредна состојба и во најмала рака да не дозволат злоупотреби врз населението во име на профитот.

Манипулативна реклама на тестови за КОВИД-19

Тестовите во „Систина“ почнаа да се прават денеска, а веќе се закажани сите термини до 5 април. Така одговорија оттаму кога новинарите на ИРЛ се јавија да закажат тест. Цената на тестот е 1200 денари, односно за 300 денари поевтина од другите две приватни лаборатории „Жан Митрев“ и „Биотек“ кои вршат тестирања за Ковид-19. Тестовите се набавени од фирма од Холандија, а дневно имаат капацитет за 300 теста.

„Тестот кој се користи е високопрецизен брз хроматографски тест за детекција на IgG и IgM антителата кои се создаваат од коронавирусот (COVID-19). Комбинираната употреба на IgG и IgM тестот може ефикасно да детектира присуство на вирусната инфекција или претходен контакт со вирусната инфекција преку имунолошкиот статус на телото. Точноста на тестот е 92.9% , a доколку подобро се информирате, попрецизни  резултати се добиваат на тестовите кои се вршат преку земање на примерок од крв во споредба со тестовите каде што примерокот се зема преку брис, особено во случаите кога тоа пациентите треба да го направат сами“, одговорија од „Аџибаден Систина“ на прашањата на ИРЛ. 

Тестовите во Институт за јавно здравје, „Жан Митрев“ и „Биотек“ се прават преку брис и со нив се детектира дали лицето е заболено од коронавирус.  Овие тестови се нарекуваат молекурални тестови. Тестовите во „Систина“ се прават преку крв и преку нив се откриваат само антитела на вирусот, со што пациентот може да дознае дали бил претходно заболен од Ковид-19 и во многу ретки случаи дека во моментот има вирус. Тоа на денешната прес конференција го објасни и министерот Венко Филипче.

„Рапид тестовите не се дијагностички тестови”, вели министерот за здравство Венко Филипче. Во превод, тие не го детектираат вирусот, туку присуството на антитела во крвта.

Текстот во целост на:  irl.mk.