Германската сојузна влада ја класифицира Македонија како подрачје со висок ризик на инфекција со ковид-19, почнувајќи од 22 август, а невакцинираните ќе одат во карантин, информира Амбасадата на Германија во Скопје.
Според објавата, сите патници од земјава мора да се регистрираат на порталот за влез на Сојузна Република Германија и да ја носат со себе потврдата заради контрола од страна на превозникот или Федералната полиција. Освен тоа, сите патници се должни да заминат директно во предвиденото сместување, веднаш по влегувањето во земјата и да останат таму цело време (карантин), при што не е дозволено да се примаат посетители. Начелно овој карантин трае 10 дена. Доколку патникот од Македонија поднесе доказ за вакцинација или оздравување преку порталот за влез, карантинот завршува предвреме, односно во моментот на поднесување. Исто така, може да се направи ПЦР тест или тест за антитела најрано пет дена по влегувањето и резултатот може да се испрати преку порталот за влез. За деца под 12-годишна возраст, карантинот завршува автоматски со завршување на 5-от ден по влегувањето.
Амбасадата ги објавува и ограничувањата за влез за патници од Македонија.
Лица над 12 години кои примиле вакцина одобрена во Германија (листа на Институтот Пол Ерлих), и се потполно вакцинирани, смеат да влезат во Германија за сите цели на патување, под услов од последната потребна вакцинација да поминале најмалку 14 дена.
На децата под 12 години им е дозволено да патуваат во придружба со барем еден целосно вакциниран родител, иако самите децата не се вакцинирани. Сите останати лица без оваа заштита од вакцинација можат да влезат во земјата само ако патувањето е апсолутно неопходно, земајќи ги притоа предвид претходно наведените обврски за обезбедување докази и карантин. Одлуката за дозвола за влез ја донесува соодветната гранична полиција. Амбасадата во овој случај не може да даде индивидуални изјави.
Повеќе информации може да се најдат на веб страната на Сојузното министерство за внатрешни работи.
Од германската амбасада потсетуваат македонските граѓани да се информираат за важечките ограничувања за влез во другите земји во Европа кои можат да бидат транзит земји на пат кон Германија.
Лицата кои патуваат итно се советуваат внимателно да се информираат за актуелно важечките правила за обврската за тестирање и карантинот на веб страната на Министерството за здравство на Германија.