Македонија има поголем процент на смртност поради корона од Индонезија, статистките загрижувачки

Новинарката Мери Јордановска сумирајќи ги статистиките за Ковид-19, објави анализа на заболени, починати, процент на вакцинирани кои се инфицирале и починале, но и број на лица кои не се вакцинирани и поради тешка форма на болеста го загубиле животот. Ви ја пренесуваме во целост:

1. Смртноста од Ковид-19 во Македонија е висока, и ако се мери на 100.000 жители и доколку се пресметува процент од заразени и починати. Зошто е ова вака, чувме само образложенија за хронични болести, дијабет, обезност, срцеви заболувања, нешто што не е баш доволно издржано. Со процент на смртност од 3,4 проценти (денешна бројка), ја надминавме и Индонезија.

2. Смртноста во 2020 година во МК е рекордна – 5 илјади луѓе повеќе починале лани (25.755), во споредба со 2019 (20.461). 40 отсто од нив починале од срцеви заболувања, потоа следуваат неоплазмите, а 10 отсто починале од Ковид-19. Ова значи дека дневно умирале по 70 луѓе, од кои најмалку 7 од Ковид-19.

3. Смртноста во првите шест месеци од 2021 е уште повисока – починале вкупно 14.421 луѓе. Во 2020 во првите 6 месеци починале 10.165, а во 2019 – 10.559. Причините за смрт се уште не се објавени од страна на Државниот завод за статистика.

4. Да, вакцините не не штитат да се заразиме со коронавирусот, но хоспитализацијата и смртноста кај вакцинираните, според достапните бројки, е далеку пониска.

5. Ретки се лицата кои се реинфицираат од Ковид-19, иако нивниот број во последниов период се зголемува.

6. Постојат луѓе кои немаат антитела а се вакцинирани, но и такви кои немаат антитела, а прележале. Постојат луѓе и без коморбидитети, а починале. Постојат луѓе со примена вакцина и со висок број на антитела, па повторно се заразиле.

Значи единственото правило засега е дека нема правила, освен да се пазиме исто како и претходно.
За секој од овие инфографици имаме анализи на A1on.mk и наведен е изворот на информацијата.