Министерот Филипче е негативен на коронавирус

Министерството за здравство информира дека резултатот од тестирањето за КОВИД-19 на министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче е негативен.

Според проценката на епидемиолозите, министерот Филипче не беше во ризик, но сепак тој одлучи да остане во самоизолација.

„Негативниот резултат го добивам на осмиот ден од самоизолацијата во која останувам до истекот на инкубациониот период од 14 дена.

Сите мои активности и управувањето со кризата со коронавирусот во земјата и во изминатата недела се одвиваат непречено. Редовно одржувам он-лајн состаноци со Комисијата за заразни болести, моите колеги, институциите, медиумите и владата и така ќе биде и во наредната недела.

Им благодарам на сите граѓани на поддршката и во оваа прилика уште еднаш потсетувам дека личната одговорност е предуслов за колективното здравје.

Почитувањето на мерките досега покажа резултати. Ако останеме доследни на ова и се прилагодиме кон промените, многу побрзо ќе ја надминеме оваа состојба“, изјави министерот Филипче.

фото: Архива