Димитриевски тврди дека е негативен: Направив тестирања во други лаборатории, клетвата мора да се тргне

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски соопшти дека вчера со неговата сопруга направиле тестирање за коронавирус во неколку лаборатории, а резултатите од тестовите биле негативни. Тој посочи дека станува збор за релевантни лаборатории во државата, но, не кажа за кои станува збор.

„Заедно со сопругата почитувајќи ги сите безбедносни протоколи и процедури направивме тестирање на Ковид 19 на сопствена сметка во неколку релевантни лаборатории во државата, воедно претходно и тестирање од страна на ЦЈЗ Куманово на сите членови од моето семејство. Сите тестови се негативни“, пишува Димитриевски.

Тој бара Центарот за јавно здравје да ги разгледа резултатите од тестирањата, ако треба да го повтори тестирањетои одма да му ги укинат решенијата за самоизлација.

„Под итно да достават барање за укинување на решенијата за самоизолација за мене и членовите на моето семејство и сите мои контакти посочени во епидемиолошка анкета. Се надевам дека моето барање ќе биде итно разгледано и реализирано во рамки на процедурите бидејќи покрај негативните тестови здравствената состојба на мене и семејството е добра и не постојат никакви симптоми ниту показатели на инфекција од Ковид 19 со цел да се вратам на секојдневните работни обврски и заедно со мојот тим во ОШЗС да продолжам со борбата против епидемијата во нашиот град и државата. Ги отфрлам сите обвинувања околу наводната мојата позитивност, анатемата мора да се тргне. Посакувам брзо закрепнување на сите мои граѓани кои во моментов се борат со болеста а на сите останати да ги почитуваме мерките и да држиме социјална дистанца“, додава Димитриевски.

фото: Архива