„Во вакви моменти, сетете се, дека плаќаме најмал процент за здравствено осигурување, во просек по 1700 денари од вработен, со чии пари се осигурани по најмалку 3 други граѓани и дека истото многу граѓани или го избегнуваат или го сведуваат на минимум. Да ве потсетиме дека наши колеги моментално дежураат за 0 денари, немаат оброк ниту платено здравствено. Да ве потсетиме дека просечната старосна граница пред последниот бран на вработувања беше над 50 години. Дека 700 милиони евра се потрошија на згради и фасади а немаме Клинички центар“, велат од Асоцијација на специјализанти и млади лекари-АСМЛ.
„И дека џабе респиратори ако нема кадар кој ќе раководи со апаратите. Имаме медицински факултет на кој е забрането да фатиш сонда од ехо, а не пак друго. Преносот на знаење е како во фамилијарен бизнис.
Сетете се на ова кога системот ќе падне. На сите тепања и малтретирања на здравствени работници.
Ова е битка на цела држава, ама војниците во први редови се здравствените работници. Мора поголем респект за сите кои гинат на фронтот. Обичен судија или пратеник е поплатен од субспецијалист, а 13 години е просечната формална едукација за 1 професионалец. Па цел живот доедукација и тренинг. Системот на вредности мора да го вратиме во права насока. Почитувани, следете ги насоките на медицинските лица, бурата допрва почнува. Мора да бидеме со збиени редови и мобилизирани за секакво сценарио. Читајте се што сте пропуштиле, слушајте музика, гответе, гледајте серии и филмови. Во безбедни раце сте“, додаваат тие.