Професорот Дејан Трајковски, на Фејсбук ја објави својата нова анализа за состојбата со Ковид-19 во Македонија.
“04.09.2021. Намалувањето на дневните броеви на новодијагностицирани продолжува со истото темпо и останува во сила предвидувањето дека околу 10. или 11. септември бројот ќе се намали на 500 дневно.
Денеска би требало да биде достигнат и врвот на активните случаи, но заради пролонгирањето на затворањето на случаите деновиве, денеска сепак видовме раст кај официјалниот број на случаи, иако реалниот, т.е. пресметковниот број на активни случаи покачува максимум (сината и зелената линија на дијаграмот на втората слика).
Деновиве би требало да биде достигнат и максимумот на бројот а хоспитализираните, иако заради побавното испишување (во однос на затворањето на полесните случаи) тој врв доаѓа малку подоцна во однос на бројот на активните случаи.
Денеска видовме голем број на починати (32), но сепак се работи за случајна варијација, затоа што гледаме дека максимумот на дневниот број на починати е веќе достигнат (жолтата линија на третиот дијаграм).
Но, тоа што максимумот е достигнат не значи дека нема да има смртни случаи во наредните денови.
Прогнозираниот кумулативен број на починати ни го прикажува светло виолетовата крива на четвртиот дијаграм, која што ќе продолжи да искачува, само со малку помало темпо – практично одвај видливо со голо око.
Засега не гледаме масовно заразување поради почетокот на наставата во училиштата.
Прво, премногу е рано, а второ можеби нема ни да има толку масовно заразување, ако поради еден случај цело одделение заминува во изолација.
Би било фер доколку ученикот не оди на училиште ако некој од неговото семејство се заразил.
Инаку, во светот има примери каде по заболувањето на едно дете останатите продолжуваат со учење, но тоа е во земји каде учениците се масовно вакцинирани.
Нашиот начин, иако построг, се чини дека е поисправен (кога одбивањето вакцинација е веќе општествено прифатливо однесување), но прашање е дали по неколку недели ќе останат одделенија каде наставата ќе продолжи да се одвива со физичко присуство.
Така барем ќе се знае дека наставниците работаат само една работа (настава на далечина), инаку би требало да работат двојно, со физичко присуство и на далечина, што би предизвикало демотивираност и дополнителен хаос во наставата“, пишува тој.