Уредникот во Канал 5, Гоце Михајлоски, кој е позитивен на коронавирус, при посетата на семејството во Прилеп имал контакт со член кој имал позитивен наод на болеста, соопшти денеска директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Иринка Бухова на прес-конференцијата.
Тој во последниот викенд од претходниот месец бил во Прилеп кај неговото семејство, а по три дена, откако се вратил, ги интервјуирал прво лидерот на опозицијата Зоран Заев, а потоа и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Споменатото лице е хоспитализирано во ‘8 Септември’ каде е потврден позитивен наод на коронавирусот. Да, во блиска фамилија на споменатото лице има член кој е позитивен, новинарот имал контакт со тој член на неговата фамилија. За детални информации, кој и каде ќе биде ставен во самоизолација, ќе биде донесена одлука откако ќе заврши епидемиолошката анкета која е во тек“, рече Бухова.
Од Канал 5 уште соопштија дека Михајлоски двапати се тестирал за коронавирус, при што првиот тест направен во приватна клиника му бил негативен, а првите симптоми се појавиле во неделата, 5 април, па поради малаксаност, замор и главоболка околу 17 часот го напуштил работното место.
фото: Архива