Секој ден, милиони луѓе ширум светот се борат со невидлива болка – мигрена. Според проценките на Светската здравствена организација, се јавува кај 10% од населението, иако треба да се нагласи дека оваа состојба често останува недијагностицирана. Се проценува дека мигрената е најскапата невролошка болест во Европската унија, на која се троши повеќе од 27 милијарди евра годишно. Пет работи што треба да ги имате на ум кога зборуваме за мигрената.
1.Мигрената не е епизодна главоболка
Со развојот на знаењето за патофизиологијата на мигрената, сега е познато дека оваа состојба е наследна, невролошка болест со повторливи епизоди.
Мигрената е онеспособувачка невролошка состојба која е под влијание на генетиката и околината и се карактеризира со напади на мачна болка во главата и чувствителност на движење, како и визуелни и аудитивни дразби. Симптомите на раздразливост, зевање, замор и тешкотии со концентрирање може да претходат на нападите на мигрена за 1-2 дена. Симптомите може да траат од 4-72 часа, при што 90% од пациентите пријавиле умерена до силна болка и повеќе од 50% пријавиле тешка попреченост или намалена продуктивност.
2.Мигрената често е погрешно дијагностицирана
Мигрената често погрешно се дијагностицира како синусна главоболка. Американската студија за мигрена II покажа дека скоро 50% од повеќе од 30.000 учесници кои добиле дијагноза за мигрена не биле свесни дека ја имаат оваа состојба пред да учествуваат во студијата. Меѓу најчестите погрешни дијагнози беше синусната главоболка. Примарната нега за мигрена е сè уште неоптимална, што резултира со просечен јаз од 4 години помеѓу дијагнозата и започнувањето на превентивната терапија.
3.Пристапи за третман на мигрена
Изборот на терапија за мигрена зависи од зачестеноста и интензитетот на болката и степенот на влијание врз извршувањето на секојдневните активности. Фармаколошкиот третман може да се подели на акутен и превентивен. Во акутниот третман се користат аналгетици, како и лекови специфични за мигренозни главоболки. Но, загрижува фактот дека само една третина од пациентите имаат соодветна терапија. Терапијата не е иста за секој пациент, поради што е потребно да се размисли која опција е најадекватна во договор со надлежниот лекар.
Еден од честите проблеми е прекумерната употреба на лекови, која се јавува кога пациентите постојано се обидуваат да ја намалат болната состојба. Како резултат на тоа, ефективноста на лековите се намалува. Поради оваа причина, се препорачува аналгетиците да не се земаат повеќе од 15 пати месечно. Друг загрижувачки податок е дека само една третина од пациентите имаат адекватна терапија.
4.Превенцијата е основата
Како што беше претходно споменато, една од групите за третман е превентивната медицина и терапијата. Превенцијата вклучува и уреден начин на живот, што е исклучително важно. Тоа подразбира редовна физичка активност, правилен сон и избегнување на провокативни фактори, кои најчесто вклучуваат силни вкусови, кафе и чоколадо.
5. Подобрување на образованието за мигрена
Неопходно е да се едуцираат здравствените работници и општата популација за мигрената. Исклучително е важно навремено да се дијагностицира мигрената за адекватен третман и, во крајна линија, да се подобри квалитетот на животот на пациентот. Подеднакво е важно околината да покаже разбирање за горенаведеното, што за жал често не е случај. Стигматизацијата во голема мера придонесува за несоодветен третман, кој мора да се промени. Во спротивно, нападите на мигрена стануваат почести и траат подолго. Посетата на невролог и дијагнозата е првиот чекор за постигнување подобрено функционирање.
Извор: https://www.medscape.com/viewarticle/971994#vp_1
MedScape (2022) Managing Migraine in Primary Care: 5 Things to Know.