50% публика на стадиони, 30% во сала – нови мерки на Владата

Владата на денешната седница донесе измени и дополнувања на мерките за спречување на ширењето на ковид-19 според кои се дозволува организирање и одржување на спортски натпревари со присуство на публика на отворено.

Според новите мерки, се дозволува публика до 50% од капацитетот на стадионите, со почитување на протоколите и мерките за заштита. Гледачот ќе мора да поседува сертификат за примена на најмалку прва доза вакцина или сертификат за прележаност не постар од 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.

Останува забраната за одржување свадби, родендени и други приватни прослави во затворените делови на угостителските објекти, освен со приложување и проверка на веќе познатите документи за имунизација или прележаност.
Дополнително, во сите угостителски објекти, кафулиња и барови опфатени со оваа мерка каде капацитетот е поголем од 30 посетители задолжително e воспоставување редарска служба. Во угостителските објекти со капацитет помал од 30 лица контролата е должност на редовно вработените лица.
Концертите на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30% од капацитетот и ограничен број на посетители до максимум 1.000, секако со задолжително поседување доказ за вакцинација или прележана болест, а истите документи, како и негативен ПЦР тест, важат и за сите домашни и странски државјани, кои од први септември влегуваат во државава.

Странците за транзит ќе имаат можност да излезат од државава за пет часа со претходно потпишана изјава на влезот во земјата која ќе треба да ја приложат пред граничната контрола на излезот од државата.