Бројот на новодијагностицирани случаи во последните денови во државата нагло расте. Според динамиката со којашто бројот се зголемува пред нас се неколку денови или недели во коишто ситуацијата може да биде навистина критична, изјави денеска министерот за здравство д-р Венко Филипче за време на посетата на Болницата во Охрид. Според анализата, зголемен е бројот на новодијагностицирани пациенти и пациенти за хоспитализација особено во градовите кадешто е најмал опфатот на вакцинирани граѓани, односно во Тетово, Гостивар, Кичево и Куманово кадешто околу 20-23% е опфатот на вакцинирани граѓани. За разлика од Охрид, кадешто има скоро 50% опфат со вакцинација, во моментов има помалку од 10 пациенти коишто се хоспитализирани. Според директорите на Клиниките во градовите кадешто е голем опфатот на вакцинирани граѓани, констатациите се дека е мал бројот на пациенти коишто се јавуваат на преглед и коишто имаат индикација за тестирање.
Од вкупно 3497 пациенти коишто се дијагностицирани изминатите 7 дена, 3047 се невакцинирани, што значи само 10% се вакцинирани и се позитивни и тие коишто се во болница и на лекување имаат прилично стабилна состојба. Она што охрабрува е дека вкупниот број на вакцинирани во нашата држава, околу 400.000 ревакцинирани од околу 500.000 со прва доза, само 0.002% се заразиле, што укажува на тоа дека само вакцинираните граѓани и таа популација е прилично сигурна и обезбедена. Тоа е доказ дека вакцината е безбедна, тие граѓани немаат никакви компликации, дека е ефикасна очигледно, еве сега доказ дека е ефективна. Во однос на вакцинацијата таа и натаму добро се одвива во сите градови, верувам дека опфатот и понатаму ќе расте, одличен е одзивот за најавата на новите мерки коишто почнуваат од 16 август, околу 8000 граѓани во просек на ден се јавуваат да примат прва доза на вакцина, јас верувам дека ако продолжиме со таа динамика за прилично некое кратко разумно време значајно ќе се зголеми опфатот со вакцинација. – кажа министерот Филипче.
Инфективната клиника е пополнета со пациенти којашто пред извесен период го подготви вториот спрат за прием на пациенти од критичните градови. Во КИБФС се третираат и пациенти дијагностицирани во градот Скопје. Инфективните одделенија се исполнуваат, се активираат останатите ковид центри, а системот, лекарите во тимовите за ротација, се спремни да го дочекаат притисокот и од овој бран.