Болните од Ковид-19 ќе се лекуваат со крвна плазма, се чека и антивирусен лек од Јапонија

Заразата од коронавирусот во државава се движи кон пикот, а бројот на заболени секојдневно постепено се зголемува. Од вкупно 854 дијагностицирани, најголем број се од Скопје, по што следуваат Куманово, Прилеп , Дебар…Излекувани се 44 пациенти, а 38 се починати. Од вкупниот број заболени, 117 се здравствени работници.

Во третманот на дел од пациентите со коронавирус на Клиниката за инфективни болести терапијата од комбинацијата на двата лека хлорокин и азитромицин дава резултат и добар дел од нив се пуштени на домашно лекување, но кај пациентите со најтешка форма на болеста таа не дава резултати.
Оваа најтешка форма на болест, како што информираше министерот за здравство Венко Филипче, и покрај сите преземени мерки, многу тешко може да се третира и за жал пациентите и покрај сите интензивни мерки на терапија, на лекување, на супортивна терапија, антибиотска и секоја друга терапија што доаѓа во предвид за други органи и органски системи, не само за белите дробови, не дава резултат.

По примерот на повеќе земји, се очекува и во државава да почне лекувањето на заразените со вирусот со крвна плазма од излекувани пациенти.

За користењето на крвната плазма, како што информираше Филипче, подготвен е протоколот и се работи на нејзино техничко подготвување.

– Колегите од Институтот за трансфузиологија се подготвени технички да го изработат одделувањето на плазмата, односно фракционирањето, а потоа ќе биде идницирано да се даде на одредена група на пациенти, согласно параметрите и начинот на манифестација на болеста, рече Филипче.

Тој посочи дека се обратиле до Јапонската амбасада за донирање на една форма на антивирусен лек односно дополнителна терапија како помош за сите земји.

– Во однос на дополнителна терапија ги пратиме светските трендови и очекуваме да стигнат и после формализирањето да документите, делот од терапијата што доаѓа преку студијата од светската здравствена организација денеска се обративме и официјално до Јапонската амбасада заради тоа што Јапонија најави деќа ќе донира една форма на антивирусен лек како помош за сите земји, рече Филипче.

фото: Архива