Во изминатото деноноќие безбедносната состојба на целото подрачје на општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба, е стабилна и без регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нарушувања на јавниот ред и мир и сообраќајни незгоди. Граѓаните ги почитуваат препораките, мерките и насоките усвоени од Владата во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот (COVID-19) за забрана за одржување собири и настани на отворен и затворен простор, како и секаков вид на јавни и приватни собири. Полициските службеници деноноќно се на терен и ги преземаат неопходните безбедносни активности што се во согласност со оперативниот план, се врши обиколка низ централното градско подрачје и приградските населби и се контролира дали угостителските и другите јавни објекти (маркети, ноќни клубови, фитнес салони, обложувалници) се придржуваат до одлуката за забрана за нивната работа. Непречено се спроведуваат мерките за контрола на патнички и други моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа.
Потсетуваме дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено оневозможен е и строго забранет е излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини. Без проблеми се одвива дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица кои вршат дотур на продукти треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила, со полициска придружба ќе бидат спроведени до трговските објекти во двете општини
Упатуваме апел до граѓаните на Дебар и Центар Жупа, но и до сите граѓани во државата, да бидат трпеливи, да покажат разбирање за сериозноста на ситуацијата и строго да се придржуваат до препорачаните мерки и насоки усвоени од Владата, во врска со спречување на ширењето на корона вирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.
фото: Архива