Заев најави запирање на извршителите, ратите за кредитите и најголем пакет мерки за фирмите

Следува поместување на плаќањето на кредитите и одлагање на извршувањата од извршителите, најави лидерот на СДСМ Зоран Заев во емисијата Клик плус на ТВ 21.

„Априлската рата и фирмите и граѓаните погодени од кризата ќе можат да ја платат во јули месец и ако требало да ја платат во април имаат уште 12 рати кои што им завршуват во април 2021 година, почнувајќи сега со тој мораториум да плаќаат од јули 12 рата ќе им заврши во јули 2021 година. Тоа значи дека имаме буквално поместување за три месеци. Во овие три месеци и десет дена ќе се случи и стопирање на сите извршители“ – истакна Заев.
Тој посочи дека 43.000 вработени во угостителството и трговијата се првично зафатени со кризата.
„Овие мерки кои се најавени од Владата, до сега имаат сериозен импакт. Особено кредитите без камата од Банката за развој, инвестиции во придонесите за вработените кои ги намалуваме за 50 отсто и други. Ние имаме до сега 20-тина милиони евра алокација кон здравствтото, потоа имаме кон Центарот на управување со кризи, Армијата, полицијата каде веќе 30 милиони евра се алоцирани. До 200 милиони евра ќе стигне финансиската подрршка за стопанството“ – рече Заев.

Тој изјави  дека со тим на експерти работи на нов пакет економски мерки за поддршка на стопанството, фирмите, работниците и граѓаните, со цел, како што рече, санирање на економските последици од глобалната пандемија со корона вирусот.

-Треба да имаме предвид дека сме земја во развој, која е финансиски стабилно ја затекна оваа криза, стабилен и ликвиден буџет, економски раст од 3,6 отсто. Можам да кажам дека анализите се прават и наскоро ќе излеземе со нов, огромен пакет економски мерки. Верувам дека на крај од сите земји во соседството ќе бидеме економски поподготвени и ќе дадеме поголема помош. Ние ќе бидеме земја со најголема помош во регионот по глава на жител за штетите од коронавурусот – најави Заев.

Тој додаде дека верува оти ќе бидат обезбедени преку 200 милиони евра, од кои, истакна Заев, околу 100 милиони евра ќе бидат за поддршка на компаниите.

-Нашата цел меѓудругото е да ги одржиме живи фирмите, ликвидни и стабилни, но и вработените да останат во фирмите. Не би сакале тие да бидат отпуштени и секако да одат под Агенцијата за вработување па тука да плаќаме социјални надоместоци, технолошки вишок или слично. Сакаме за добробит и на работниците и на компаниите да ги одржиме во самите компании, значи пакетот ќе биде огромен – истакна лидерот на СДСМ.