Нема тестови, се бараат тестирања – вината секогаш кај матичните, иако државата ги дава термините

Д-р Биљана Петковска Огњанова смета дека мора да се промени концептот на тестирање и третирање на пациенти заразени со коронавирус.

Во продолжение, нејзиното мислење:

Ова повеќе нема смисла, народот масовно се тестира приватно, милионски суми се одлеаа, отидоа во приватни лаборатории, се исцрпи Македонецот, а 99% се со лесна клиничка слика.

Секој матичен доктор во Скопје води во просек 200 пациенти кои се ковид позитивни, а тоа одзема време бидејќи секој ден да ги контактираме и водиме на домашно лекување, иако се со лесна клиничка слика која трае 3-5 дена. Бараат и доаѓаат редовно на контролни прегледи, кои одземаат 2-3 часа од работно време на ординацијата, земајќи во предвид дека во тој период не примаме други пациенти, па следи дезинфекција на просториите, што исто така одзема и енергија, а другите пациенти мора да чекаат, па ги одложуваме нивните прегледи безпотребно.

Предлог: Да се прекине со тестирање, кое и така државата нема капацитет да го пружи во обем кој е неопходен. Пациентите со респираторни симптоми суспектни за ковид инфекција кои покажуваат средно тешка и тешка клиничка слика (макс 5%) да ги упатуваме во амбуланти на ковид единици каде ќе бидат тестирани на терет на држава, а позитивните со средно тешка клиничка слика да се водат од матични доктори -специјалисти по семејна медицина кои ќе ротираат во тие ковид единици во поликлиниките во Скопје. Тешките случаи секако ќе се упатуваат во Клиниките. Ајде да се вратиме на нашата работа, сериозно да ги лекуваме и рано да откриваме хронични заболувања кои овие две години комплетно ги запоставивме. Цехот сите ќе го платиме, а здравствениот систем целосно кој е руиниран мора да го санираме, време да е започнеме .