Владата вечерва усвои нови заклучоци во врска со справувањето и ширењето на коронавирусот. Со новите владини одлуки, се забранува пристап на лица и возила во Парк шума „Водно“, секој ден, во период од 18:00 часот до 6:00 часот наредниот ден. За оваа цел, МВР со патролни возила ќе го затвори пристапот кон Парк шума „Водно“.
Владата забранува собирање во група на повеќе од пет лица, во паркови и на други јавни места и јавни површини. За оваа цел, се задолжуваат МВР и Армијата да ги разбиваат овие групи и да ги интензивираат теренските контроли.
Се забранува одржување на наставата и спроведувањето на обуките и испитите во испитните центри од страна на школите за обука за возачи, за период од 14 дена. За оваа цел, се задолжува МВР, доколку е потребно, ова правно да го нормира во Уредба со законска сила.
Владата им препорачува на сите работодавачи, односно секое раководно лице на институцијата, во зависност од типот на работата и можностите, да ја организира работата и начинот на работа на вработените лица, преку работа од дома, без да се наруши редовното и нормалното функционирање на институцијата. Исклучок од оваа мерка се вработените во министерствата за внатрешни работо, здравство и одбрана, Армијата, противпожарните територијални единици, Царинската управа, како и домовите за нега на стари лица и мали групни домови.
Сите маркети, аптеки, банки и објекти кои даваат поштенски услуги, задолжително ќе треба да обезбедат редарска служба при влез и во внатрешноста во овие објекти, со цел да се контролира влезот и бројот на лица во истите, така што ќе се обезбеди минимум потребното растојание од два метри помеѓу лицата пред и во објектите.
Се задолжува МВР да ги интензивира контролите во приватните куќи и вили во кои се организираат забави и собири (во општина Сопиште и во населеното место Соње), со цел да се преземат мерки за спречување на ваквите собири, а кон сопственикот на објектот и присутните лица затечени во објектите да се преземат соодветни законски мерки заради непочитување на мерките и препораките на Владата.
Се задолжува Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство да оствари работна средба со здруженијата на сточари и Федерацијата на фармери, во врска со извозот на јагниња, како и утврдување на мерки што треба да се преземат во овој период.“
Денеска Владата ја донесе и Одлуката за ограничување на извозот на пченица и наполица и брашно од пченица или наполица со тарифните ознаки 1001 19 00 00, 1001 91 90 00 и 1001 99 00 00 и 1101 00. Ограничувањето на извозот од член 1 на оваа одлука ќе се применува до 30 април 2020 година, со можност за продолжување доколку состојбата со пандемијата го бара тоа.
„Оваа одлука е усвоена со цел да не се нарушат состојбите на пазарот во земјата, и да се обезбедат доволни количини на брашно во земјата во услови на зголемена побарувачка на пазарот за овие производи, предизвикана со прогласувањето на пандемијата од СЗО и во услови на ограничен увоз на брашно поради донесената одлука за забрана на извоз на брашно и други производи од Република Србија во времетраење од 30 дена, кое завршува до средината на април 2020“, се вели во владиното соопштение.
На денешната седница била усвоена и Одлука за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало на: леб, сол, шеќер, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови, лична заштитна опрема, средства за лична хигиена и дезинфекциони средства.
Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените на истите кои се применувале на 11 март 2020 година, кога од страна на Светската Здравствена Организација е прогласена пандемија на Коронавирусот COVID-19 и ќе се применуваат до 30 април 2020 година.
Со оглед на прогласувањето на вонредна состојба, донесени се уредби за одложување на полагање на испитот за вештаци, правосудниот испит, испитот за медијатори и испитот за нотари за време на траењето на вонредната состојба.