Близу 440 медицински сестри и 200 анестезиолози од приватните установи ќе бидат ставени на располагање при зголемен број на заразени

Владата ќе отвори телефонски броеви за психолошка поддршка на граѓаните кои се во самоизолација, родителите кои се ослободени од работа односно имаат деца до гранинка или основно училиште, како и на граѓаните од кризните подрачја Дебар и Центар Жупа. Министерот Венко Филипче рече дека е направен и список со медицински кадар кој е ставен на раполагање во случај на зголемен број на дијагностицирани лица со коронавирус.

„Клиниката за психијатрија ќе започне со телефонска, психолошка поддршка на граѓаните и ранливите групи. Ќе бидат објавени телефонски броеви. И тоа поддршка на родители на деца во предучилишна и училишна возраст, за возрасни лица во самоизолација и психолошка поддршка на граѓаните на општина Дебар и Центар Жупа во соработка со болницата во Дебар“, рече Филипче.

Близу 440 медицински сестри и 200 анестезиолози од приватните установи ќе бидат ставени на располагање при зголемен број на заразени.

„Ќе се ослободува еден родител на децата со цистична фиброза, што се наметна како прашање во изминатите неколку денови. Денеска е веќе спремен списокот на лекари, анестезиолози и медицински сестри кои по потреба, ќе ротираат во институциите каде што е тоа потребно. Се надевам нема да дојде до тоа сценарио да имаме многу пациенти на машина за дишење. На располагање се близу 440 медицински сестри и 200 анестезиолози низ целата држава. Откажан е хроничниот програм од сите хируршки одделенија“, рече Филипче.

Тој повторно апелираше сите граѓани да се придржуваат до мерките кои ги донесе Владата. „Ќе го повторам апелот, луѓето да седат дома и да не излегуваат без некоја посебна потреба. Да се самоорганизираат, во смисла за влегувањето во маркетите да не ствара голема гужва бидејќи тоа е единствениот начин да се стави крај на патот на ширење на вирусот“, додаде Филипче.

Запрашан дали постои тест за самотестирање, министерот посочи дека таков тест не постои, а на пазарот имало брзи тестови кои немаат висок степен на точност. Филипче повика граѓаните да пријават ако имаат симтоми.

„Не посттои таков тест. Поприсутни се така наречени брзи текстови, кои се серолошки, но за нив има студии и анализи дека не се со висок степен на точност. Нема потреба од самотестирање, доволно е граѓаните да пријават и дека постои потреба, а епидемилозите ќе кажат дали треба или не тест“, одговори Филипче.

Жителите на Дебар и Центар Жупа каде е прогласено кризно подрачје се придржуваат до мерките, соопшти министерот, потенцирајќи дека нема нарушување на јавниот ред и мир. „Кризната состојба во Дебар и Центар Жупа се спроведува добро, сите органи и тела, сите институции работат координирано, нема проблем, луѓето се мирни и се придржуваат до мерките. Нема нарушување на јавниот ред и мир. Луѓето од овој регион покажуваат висок степен на дисциплина и придржување од мерките. Можат да излезат само луѓето кои што им е индицирано болничко лекување и тоа со специјална дозвола од болницата во Дебар за што постои и лице назначено кое ги потпишува тие дозволи“, додаде Филипче.

За вечер е закажана седница на Владата. Ќе се дискутира за повеќе мерки.